Интересот на германските инвеститори за Македонија расте. Во минатиот период добивме информации за инвеститори кои би сакале да инвестираат во Македонија. Инвеститорите кај нас секогаш се информираат за тоа каква е политичката клима и морам да кажам дека моето мислење е многу оптимистичко, можат да дојдат тука, изјави денеска амбасадорот на Германија во земјава Норберт Герберих за време на посетата на Кавадарци.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев по средбата со Герберих информираше дека е разговарано за економијата, политичката состојба и за општината.

„Германската амбасада е секогаш расположена спрема нашата општина и држава. Мислам дека извлековме неколку заклучоци за заедничка успешна соработка преку неколку проекти. Знаете дека овде ја имаме најголемата германска инвестиција ’Дрекслмаер’ со околу 6.300 вработени, ’Синалко’ е исто така германски бренд кој го имаме. Заеднички се усогласивме дека треба да се движиме во насока да донесеме повеќе странски инвеститори. Ние како општина да им понудиме подобри услови на инвеститорите“, рече Јанчев.

Германскиот амбасадор изрази задоволство од посетата на Кавадарци.

„За шест месеци колку што сум на оваа функција, не е важно само да одржувам контакти со врвот на Владата, туку да ги посетувам и општините и овде добив навистина добар впечаток. Ова е пример како и политички, но и надвор од политиката, може да се работи во интерес на граѓаните“, рече амбасадорот Герберих.

Кавадарци за Германија е од многу големо значење бидејќи овде е „Дрекслмаер”, рече тој, најавувајќи посета на фабриката.

Позитивен впечаток изрази и од компанијата „Кожувчанка” која го има брендот „Синалко”, создава работни места за граѓаните и ги продлабочува македонско-германските односи.

Што се однесува до виното, лично смета дека тука постои потенцијал.

„Македонија и сега извезува големи количини вино во Германија. Претставува еден голем удел во вкупниот трговски волумен кој го имаме меѓу себе. Но, потенцијал секако има и во постоечките капацитети што се однесува за извоз на делови од автомобилската индустрија, во делот на енергетскиот сектор и слично“, нагласи амбасадорот.

Откри дека пробал ајвар и дека за него е многу вкусен.

„Во меѓувреме во посета ни дојде и синот од Германија кој е многу голем фан на ајварот. Мојата сопруга, исто така, знае повремено да се напие чаша вино и навистина е одушевена од него. Сите ја знаат компанијата ’Тиквеш’ и имаат респект кон оваа марка“, рече германскиот амбасадор за време на посетата на Кавадарци.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/02/2018 21:30