Институтот за македонска литература денеска организираше трибина „Критиката - актуелни аспекти“ која е надоврзување на нивниот симпозиум од 2016 година во МАНУ.
- Тогаш се почувствува потреба за дебатирање за овие прашања - колку критиката се модифицира, колку е се уште релевантна и ги исчитува трајните вредности на македонската литература и култура. Тоа се прашања кои ние мора да ги поставиме зашто моделите на критиката се менуваат под влијание на нови општествени промени и на новите медиуми, односно се она што денес претставува еден диктат во културата, како што е, на пример, консумеризмот. Самата таква продукција врши релативизирање и видоизменување и на критиката, рече Маја Јакимовска-Тошиќ, директор на Институтот за македонска литература.
За квантитетот на изданија на критики кај нас мерило е бројот на книги што конкурираат за наградата на ДПМ за критика и есеистика „Димитар Митрев“. Според неа, бројот е мал, годинава имало седум книги, но, вели, се доста квалитетни.
- Според таа награда може да се регистрира што се нуди на нашата културна сцена, што се чита од критиката, на што нашите автори се осврнуваат и преку оваа награда може да се следи трендот, рече Јакимовска-Тошиќ. А во однос на тоа дали младите автори се заинтересирани за пишување книжевна критика, рече дека подеднакво се застапени како и повозрасната генерација.
Според Соња Стојменска Елзесер, исто така од Институтот за македонска литература, квалитетот произлегува од обемот, моделот и видот кои постојат во моментов. Генерално, вели, постојат три вида критики - академска, новинарска и критика што им служи на издавачите да ги пласираат своите дела. Сите три, рече, имаат специфичен модел и варираат според квалитет, но смета дека академската критика е прилично ангажирана и сериозна, во смисла да ги афирмира националните и да ги задржи традиционалните вредности.
- Но, она што значи линк со реалниот живот, а тоа е, пред се, новинарската критика, односно критика во медиумите, и критиката на издавачите кои влијаат врз формирање на вредноста во нашиот културен живот, мислам дека малку заостанува и дека треба сериозно да се помисли за нејзино унапредување. Генерално, сите три треба сериозно да помислат за унапредување и непарцијално. Мислам дека основниот проблем на нашиот книжевен живот е што сите делуваат парцијално, а не на иста арена. Разни групации, разни генерации и разни видови критичари се мобилизираат во различни сфери, а не доаѓаат меѓу себе во еден креативен дијалог кој би довел до нови сознанија, рече Стојменска Елзесер.