Во рамките на првиот ден од Меѓународниот саем на туризам во Белград, градот Охрид и градоначалникот Јован Стојаноски, заедно со ХОТАМ, традиционално ја одржа Охридската промотивна вечер на еден од најпознатите белградски сплавови „Амфора“ на Дунав, со што го презенираа Охрид и Охридското Езеро како една од омилените туристички дестинации на гостите од Србија.

На промотивната туристичка вечер, пред 100 гости со охридската јагула и пастрмка и со традиционалната македонска музика во изведба на Ѓоко Танески, покрај преставниците на хотелите и туристичките организации од Охрид и Македонија, од Агенцијата за промоција и подршка на туризмот и македонската амбасада во Белград, како гости беа и преставници на Туристичкиот сојуз на Србија предводени од директорката Марија Лабовиќ, потоа Георгиу Генов директорот на српското здружение на хотелиери и ресторани (ХОРЕС), преставници на повеќе туристички организации и здруженија од цела Србија и други познати јавни личности.

Обраќајќи се пред гостите, градоначалникот Стојаноски рече дека годинава покрај богато хотелско сместување Охридското крајбежје ќе понуди и за пет пати повеке сместувачки капацитети во приватното сместување.

– На овој начин не само што го потпомагаме бизнис секторот, туку и ги продлабочуваме и одржуваме воспоставените врски помеѓу туристичките работници на Охрид и туристичките работници на Србија, а секако дека една од главните цели е да се прошири двојно повеќе капацитетот на туристи не само од Србија, туку и од другите држави, изјави градоначалникот.

Она што го најави градоначалникот за следниот период се претстојните разговори со бизнисот секторот за воспоставување на редовната авионска линија Белград-Охрид, која значително ќе придонесе за проширување на капацитетот на гостите од Србија, со посебен акцент на конгресниот туризам во текот на целата сезона, а не само во летниот период кој за сега е главна туристичка сезона во Охрид.

Свечената Охридска промотивна вечера побуди голем медиумски интерес, а присутни беа новинарски екипи од РТС, ТВ Војводина, ТВ Прва, ТВ Пинк, Политика, повеќе интернет портали, македонски медиуми, а за утре е најавено и гостувањето на охридскиот градоначалник Стојаноски на една од најгледаните телевизијски емисии во Србија-Жикина шареница на РТС.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/02/2018 23:52