Просечната цена за откуп на тутунот достигна 217 денари по килограм. Над 30 илјади семејства кои се занимаваат со производство на тутун годинава ќе остварат сериозен приход.

Ова денеска го истакна премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, советничката за земјоделски политики Ленче Николовска и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, присуствуваше на отворена граѓанска трибина во општина Конче.

Премиерот Заев ги информираше земјоделците за мерките и активностите кои ги презема Владата за подобрување на нивната положба.

– Драго ми е што можам да ја споделам среќата и задоволството од сите овде присутни, со тоа што субвенциите кои што сега следуваат по тутунот веќе ќе бидат зголемени, односно за прва класа ќе се плаќа 80 денари субвенција, за втора класа ќе се плаќа 70 денари, а за трета и четврта класа 60 денари, нагласи премиерот Заев.

Премиерот додаде тоа значи повеќе пари за земјоделците.

-Конечната цел согласно нашите ветувања е во реализација и за тутунот како земјоделска култура, а тоа значи да ги мотивираме земјоделците да произведуваат поголем квалитет. Произведувајќи поголем квалитет, преку субвенциите кои што државата ги пружа ќе имаат и повеќе пари во своите семејства, а исто така и откупувачите ќе добијат поголем квалитет за откуп што најверојатно ќе им донесе и поголем профит. Тоа е дефинитивно поодржлива ситуација. Ваквите политики продолжуваме да ги насочуваме и кон другите земјоделски култури, додаде премиерот Заев.

Притоа тој истакна дека тој и министрите стојат на дадениот збор за повисоки откупните цени и зголемување на висината на субвенциите за откупениот тутун.

Тој го изрази своето задоволство од присуството и интересот на граѓаните за денешната трибина и, како што рече, е среќен што вака на директен начин и непосредно, не само пред избори да се разговара со граѓаните. При тоа, упати апел до министрите и директорите на институциите да ја користат секоја можност да бидат блиску со граѓаните и да разговараат за проблемите за да можат да изнаоѓаат решенија.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/02/2018 18:24