Пред претставници на Владата, Собранието, локалната управа, бизнисот, академската заедница и другите општествени сегменти во Македонија, членовите на Бордот на директори на Централ Азија Металс (Central Asia Metals, AIM: CALM), новиот сопственик на рудникот САСА ја претставија својата визија за идниот одржлив развој на најголемиот рударски комплекс во земјата.

- Импресионирани сме од досегашните достигнувања на рудникот САСА, од неговиот потенцијал за натамошен развој, како и од посветеноста, искуството и знаењето на вработените, што е уште еден показател за квалитетот на техничкото образование и експертизата во областа на рударството во Македонија, рече во своето обраќање претседателот на Бордот на директори на Централ Азија Металс, Ник Кларк.

Потенцира дека компанијата, како нов сопственик, ќе продолжи да вложува во развој на рудникот преку примена на современа технологија и најдобри меѓународни практики и стандарди во рудаството, при што особено ќе се води сметка за здравјето и безбедноста на вработените, како и за заштитата на животната средина.

Дополнително, Кларк нагласи дека рудникот веќе постигнал 495 дена без повреди на работно место.

Раководството на Централ Азија Металс е децидно дека рудниот САСА ќе продолжи да обезбедува стабилност на работните места за околу 700 вработени во компанијата, а ќе продолжи и сореализацијата на голем број општествено одговорни проекти, важни за просперитетот на локалната заедница.

- Како тим составен од професионалци за рударство, нашата определба е долгорочно да го развиваме рудникот САСА и со тоа да придонесеме за развојот на македонската економија, застапувајќи го концептот на општественоодговорно рударство. Многу меѓународни финансиски институции ја поддржаа нашата одлука за купување на САСА и затоа нашите резултати ќе бидат набљудувани одблизу и со голем интерес. Се надевам дека нашиот успех во иднина ќе поттикне и други странски инвеститори да го следат нашиот пример и да вложат во Македонија, истакна Кларк.

Централ Азија Металс е компанија од рударската индустрија што котира на Лондонската берза. Во ноември 2017 компанијатаго купи рудникот за олово и цинк САСА во Македонска Каменица, а исто така е сопственик и на проектот за експлоатација на бакар Кунрад во Казахстан.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/03/2018 16:44