Алкохолот најчесто е составен дел од работни ручеци, вечери, семејни собири по разни поводи (раѓање, роденден, прослава, погреб…), нуди опуштање и добро расположение, но станува проблем кога со негова редовна консумација од три до пет години се развива зависност. Според докторите, алкохолизмот не е болест исклучиво на поединецот, туку е и социјална болест на семејството и на општеството.
– Се смета дека во Македонија има 60.000 до 80.000 зависници од алкохол. За жал, се лекуваат само еден отсто. Во последните години, зависнички од алкохол се најчесто жените интелектуалки, кои се со високо ниво на образование, се на високи позиции во претпријатијата, и со ценет статус во општеството. Одат на состаноци, ручеци, вечери…, а стресот кој го носи со себе модерното живеење прави да развијат алкохолна состојба – за МИА објаснува невропсихијатарот Павлина Васкова, раководител на одделението за третман на зависници од алкохол во ЈЗУ Психијатриска болница во Бардовци и член на Здружение на клубови на лекувани алколохоличари на Република Македонија.
Таа информира дека за првичното посегнување и за развојот на алкохолизмот кај жените доминантна улога има структурата на личноста на жената со сите нејзини психички карактеристики, а потоа средината и низа други фактори.
Во минатиот период, меѓу зависничките од алкохол најбројни биле домаќинките, невработените жени и оние со ниско ниво на образование, посочува Васкова и додава дека денес ситуацијата е променета. Таа вели дека се претпоставува оти унапредувањата на работното место и професионалниот успех со себе носат голем притисок и стрес, па неможејќи да ја поднесат таа пресија жените интелектуалки почнуваат со пиење на алкохол, а има и ситуации на враќање назад, на претходното пониско работно место. Според неа, како најчеста причина за појава на зависност од алкохол се јавува депресивното расположение и чувството на ниска вредност кај лицата од женски пол со појавен алкохолизам.
– Според местото на живеење, најголем дел од на испитаничките се од градска средина. Современите истражувања покажуваат дека алкохолизмот е многу честа појава кај жените во речиси сите професии и со секаков социјален статус, при што пиењето од страна на жените е од типот на „соло пиење“, што значи дека жените, воопшто, настојуваат да го скријат пиењето, често од своите најблиски од семејството и околината. Податоците покажуваат дека повеќето жени почнуваат со зголемено пиење алкохолни пијалаци на возраст од 31-40 години, по што следи возрасната група од 21-30 години. Се наметнува заклучок дека ова е период кога најголем дел од жените основаат семејство, раѓаат и одгледуваат деца, решавајќи ги и другите животно-егзистенцијални прашања – истакнува д-р Васкова.
Таа потенцира дека на жените и како вработени и во семејството во исто време им се случуваат нови улоги со нови задоволства и признанија од една страна, како и многу обврски и оптеретувања од друга страна, кои значително влијаат на начинот на нивниот живот. Анализајќи го времетраењето на пиење алкохолни пијалаци кај жените, вели таа, се доаѓа до податоци дека повеќето анкетирани пациентки имаат од 10 до 20 години алкохоличарски стаж. Посочува дека генерално земено, женскиот пол е почувствителен на алкохол и со поголеми штети од физички и ментален аспект, за разлика од мажите и со многу покомплицирани последици.