Согласно позитивниот извештај кој го очекуваме за 10-тина дена од страна на надзорот наредниот месец ќе биде пуштен автопатот Демир Капија - Смоквица, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Со новиот Закон за градење целосно се направени олеснувања на процедурите за сите инфраструктурни објекти кои се финансирани од меѓународни финансиски институции, појасни Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во упореба на новата бензинска станица на „Лукоил“ во населбата Трубарево во општина Гази Баба.
Како што потсети, уште во октомври лани беа издадени одобренијата за дислокација на далекуводот и за изградба на Контролниот центар, поради што и беше пролонгиран рокот за изградба со анекс на Договорот. Тие активности се завршени, како и електрификацијата и потребната сигнализација. Во меѓувреме се спроведуваат потребните технички контроли.
Информација за состојбата со изградбата на автопатот беше разгледана синоќа на седница на Владата од каде информираа дека активностите на терен финализираат и оти оваа делница од автопатот ќе биде пуштена по 15 април.
Изградбата на автопатот, во должина од 28 километри, почна во септември 2012 година. Инвестицијата изнесува 218 милиони евра, пари обезбедени од грант од Европската комисија, заем од Европската инвестициска банка и од Европската банка за обнова и развој, како и шест милиони евра од државниот буџет.
Новата автопатска делница се протега од излезот на Демир Капија преку селото Миравци, до Смоквица, каде што се поврзува со веќе постојниот автопат. Поминува надвор од демиркаписката клисура од десната страна на реката Вардар, низ благи кривини и угорнини.
Новиот автопат има две клучки кај Миравци и Смоквица, два тунела долги по 1.200 метри, шест моста со должина од 100 до 500 метри, шест потпатници и два натпатника. Ширината на сообраќајницата е 25,6 метри, со две ленти за возење, една за застанување и средишен зелен појас широк три метри.
Со него се заокружува со целосно автопатско решение Коридорот 10 на територијата на Македонија.