#ВозиЖенски #ВозиОдговорно - „Ако возењето со максимална претпазливост е женски, тогаш јас сакам да возам женски“. Ова е една од пораките кои јавните личности и РСБСП ги праќаат во рамки на едукативната акција организирана за 8 март, Денот на жената.
- Да се биде жена-возач воопшто не е лесна работа бидејќи бројот на оние кои сметаат дека возењето е „машка работа“, се уште е многу голем. Стереотипот дека жените се лоши возачи за жал се уште е присутен. Вистината е дека постои „женско возење“ или „женски начин на возење“. Тоа е точно, но во суштина, тие се многу внимателни возачи и кога ќе се најдат во сообраќаен метеж полн со неодговорни и со агресивни возачи, неминовно е да бидат перцепирани како некој кој не се вклопува во тој систем, наведува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
РСБП наведува дека жените се доста внимателни, дисциплинирани и совесни возачи - речиси никогаш не возат со брзина поголема од дозволената, не поминуваат на црвено и не возат под дејство на алкохол.
Брзото и агресивното однесување во сообраќајот едноставно не им е својствено на жените. Жените покажуваат склоност кон почитувње на сообрќајните правила и прописи и кон почитување на велосипедистите и на пешаците, а тоа во очите на некои неодговорни возачи е еднакво на неснаоѓање, наведува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Бидејќи за жал почитувањето на сообраќајните правила и прописи се доживува како „неснаоѓање“ и како „женско возење“, со цел да ги охрабриме жените-возачи и да ги разбиеме сите стереотипи дека жените се лоши возачи, а по повод Денот на жената 8 Март, РСБСП организира сообраќајно-едукативна акција под мотото „Вози женски-вози одговорно“.
Акцијата ќе биде поддржана од голем број јавни личности од понежниот пол и ќе се реализира преку социјалните медиуми, на кои повеќе од 25 познати и афирмирани личности од јавниот живот во Македонија - новинари, водители, пејачи, манекенки, глумци, артисти, доктори и професори ќе повикаат на одговорно возење и на почитување на жените како рамноправни учесници во сообраќајот.
Целта е да се испрати порака дека жените претставуваат позитивен пример како треба да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и како треба да се однесуваме во сообраќајот.
Пораката до сите учесници во сообраќајот гласи:
Ако возењето со помала брзина е женски...
Ако застанувањето на секој СТОП знак е женски...
Ако пропуштањето на секој пешак на пешачки премин е женски...
Ако долготрајното и претпазливо паркирање е женски...
Ако двојното проверување на секоја крстосница е женски...
Ако внимавањето на возачот од спротивната страна е женски...
Ако почитувањето на сите сообраќајни правила е женски...
Ако држењето до својата сообраќајна лента е женски...
Ако возењето со максимална претпазливост е женски...
...тогаш, ајде сите да воземе женски!