Во Македонија има недоволна ухранетост од една страна, но и зголемување на телесната тежина кај децата од друга страна, поради неможноста дел од семејствата да обезбедат избалансирани оброци, но и недоволната свесност дека храната освен на физичкото здравје влијае и на нивниот когнитивен, емоционален и социјален развој и на способностите за учење.

Затоа, како што беше речено на денешната интерресорска работилница „Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба“, се наметнува потребата државата преку контрола на квалитетот и нутритивната вредност на храната во градинките и училиштата да овозможи избалансирани оброци од една страна, но и да помогне врз формирање на здрави навики кај децата од друга страна.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска истакна дека неодамнешна студија на Универзитетот Беркли покажала оти децата кои имале оброци со соодветна нутритивна содржина имале подобри резултати на државните независни тестирања.

- Оттука на глобално ниво, но и во Македнија се интензивира интересот за подобрување на хранливата содржина на храната во училиштата како една од наједноставните и докажана на ефективни интервенции со цел обезбедување најдобри можни услови за правилен раст и развој во најважните години од животот, рече таа.

Додаде дека за таа цел е изготвен и Правилник што основните училишта ќе мора да го почитуваат, а како што рече, се изготвуваат и законски измени кои предвидуваат санкции за неспроведување на стандардите за храната што тој ги содржи.

Покрај во основните училишта, неоходно е избалансирана исхрана со правилна нутритивна вредност да има и во градинките. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека иако и сега во градинките се води многу повеќе сметка за храната на децата, сепак, правилникот ќе биде адаптиран и за претшколските установи.

- Во Македонија кај одреден процент деца постои неухранетост од една страна, но и зголемена телесна тежина од друга страна. Ова покажува дека ниту општеството, ниту семејствата се грижат да ги научат новите генерации да ја почитуваат и да јадат избалансирана храна, рече Царовска.

Вели дека МТСП прави напори да го зголеми опфатот на деца во градинките. Доколку се зголеми опфатот за 50 проценти ќе постигнеме поголем број деца да имаат соодветни оброци.

- Македонија како држава е сиромашна и дел од семејствата не можат да понудат избалансирана храна за своите деца. Токму затоа системот и општеството преку градинките и училиштата треба да го задоволи барем минимумот на вредноста на храната што детето треба да ја внесе секој ден, рече таа.

Претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс истакна дека родителите, заедницата и општеството треба да знаат дека храната не влијае само на физичкиот развој и здравје на децата, туку го поткопува и нивниот когнитивен социјален и емоционален развој, и има влијание врз нивните способности за учење.

Затоа, како што рече, децата уште од мали треба да внесуваат избалансирани оброци и во градинките и училиштата да стекнат здрави навикикои ќе ги следат во нивниот натамошен живот.

Настанот е во организација на Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум”, со поддршка на ресорните министерства и Фондот на Обединетите нации за деца УНИЦЕФ.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/03/2018 16:06