Рудари од „Саса“ во Македонска Каменица денеска почнаа штрајк барајќи зголемување на платите до 20 проценти од нето добивката на рудникот, подобрување на условите за работа, регулирање на стажот и работното време.

Го повикаа менаџерскиот тим на рудникот да седне на преговарачка маса и да разговараат за нивните барања.

Штрајкот и протестот ги организира синдикалната организација на Саса која е членка на Мултиетничкиот синдикат за образование (МЕСО).

– Остануваме на сите наши барања за платата, безбедноста на работа и другите пропратни елементи кои произлегуваат. Но, за платата мора да преговараме. Сакам да ги повикам институциите на системот да видат дали ние сме легитимна синдикална организација или не. Ако сме легитимна, зошто менаџерскиот тим не не прима повеќе од 20 дена на средба за која уредно имаме побарано прием, изјави Сашо Јованов, претседател на синдикалната организација на „Саса“.

Рударите кои штрајкуваат немаат поддршка од синдикатот на Саса кој е членка на „СИЕР“, а од компанијата во понеделникот соопштија дека Сашо Јованов не е вработен во рудникот и оти со синдикатот кој е членка на СИЕР е преговарано и потпишан е колективен договор.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/03/2018 15:16