Концесионерите кои стопанисуваат со плажите на Охридското Езеро денеска имаа можност на јавната дебата организирана од Општина Охрид пред локалната власт да изнесат свои забелешки по однос прашањето околу воспоставувањето договори за закуп.

Тие бараат договорите за закуп да се даваат на подолг временски рок како би имале можност да ги вратат инвестираните средства и субјектите кои веќе стопанисувале со одредена локација да имаат некаква предност при конкурирањето за продолжувањето на концесијата.

– На хотелите и другите сместувачки капацитети им е дадена законска можност закупот на плажите пред нив да се регулира со непосредна спогодба со локалната самоуправа. Зошто на таков начин не би се уредувала концесијата и за оние субјекти кои веќе стопанисуваат со одредени плажи и кои веќе имаат вложено значајни материјални средства и изградено свои објекти, изјави Љупчо Нечкоски концесионер на плажа кај Лагадин.

Како проблем беше посочен и делот околу нелојалната конкуренција, поединци што работат на импровизирани шанкови, тезги, што создава проблем како на концесионерите, така и за самата локална самоуправа оттаму што нема увид што се се случува со плажите, а истовремено и ја нагрдува севкупната слика за уреденоста на самото крајбрежје.

– Ова е петти пат како одиме на наддавање за концесии за период од десет години што е проблем за нас како инвеститори. Вложени се големи средства, сезоната за работа со плажите е временски ограничена на мошне кус период од 30-40 дена, така што навистина е потребно да се изнајде начин тоа да се уреди, истакна Нечкоски.

Илија Џепароски, исто така концесионер на плажа на Охридското Езеро, најави формирање асоцијација на концесионерите преку која ќе ги определат и застапуваат своите интереси.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски рече дека ова е иницијална средба со концесионерите и потенцијалните кандидати за стопанисување со плажи на Охридското Езеро, најавувајќи слична средба за две седмици.

– Концесионерите практично се креаторите на развојот на туризмот во Охрид. Престојниот период до следната средба ќе го искористиме да одговориме на дел од прашањата изложени денеска од страна на концесионерите како досегашните инвестиции на плажите, прашањето поврзано со инвестициите во инфраструктура како поврзување кон водоводната и електричната мрежа и колекторот за отпадни води, како и околу обештетувањата од поплавите во 2010 година, рече Стојаноски притоа најавувајќи и отворање и на прашањата околу нерегулирани обврски на самите концесионери кон државата.

Тој истакна дека новата локална власт е насочена кон уредување и на имотно-правните односи настанати со денационализација на дел од земјиштето каде претходно беа лоцирани плажите, за да не се повторат појави забележани изминатиот период кога дел од плажите условно работеа без склучен соодветен договор за концесија.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/03/2018 20:25