Во рамки на проектот во ООУ „Гоце Делчев“ беше направен преглед на ’рбетот на децата од страна доктор физијатар. На настанот по повод почетокот на проектот присуствуваше и градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Проектот е на Институтот за физикална медицина и рехабилитација преку националната програма за јавно здравје на Министерството за здравство, а ќе се спроведува и во општина Карпош.
- Покрај редовните годишни систематски прегледи на учениците, специјалисти физијатри од Институтот ќе спроведат дополнителни прегледи за рана дијагноза кај училишните деца од шест до деветто одделение и детекција на лошото држење и деформитетите со цел функционалната сколиоза и кифоза да не преминат во посериозна форма. Децата кај кои ќе се констатира деформитет ќе бидат вклучени во програмата вежби во базен. Десет часа ќе се вежба во базенот во Институтот за физикална медицина и рехабилитација под надзор на физиотерапевти и наставници по спорт за да се корегира лошото држење, посочуваат од општина Центар.
Беше упатен апел до родителите активно да се вклучат во реализацијата на овој проект и многу сериозно да сфатат дека ваквите прегледи и третмани се во полза на здравјето на нивните деца.