Во рамки на предвидениот законски рок, заврши откупот на тутун од реколтата за 2017-та година. Откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм, информираат од Владата и додаваат дека откупениот тутун е во целост исплатен.

Од откупениот тутун, од типот Јака се откупени 2.447.601 килограми, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот Прилеп се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.

Од регистрираните девет откупни компании, на терен откуп вршеа осум претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење на откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина на тутун од тековната реколта.

Согласно Законот за тутун и тутунски производи, инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство извршија контроли во откупните тутунски претпријатија во сите пријавени откупни пунктови каде што е вршен откуп на тутун. При тоа е констатирано дека претпријатијата ги исполнуваат условите за вршење на откуп согласно законските одредби.

Од Владата наведуваат - согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој што се укинува поднесувањето на евидентните листови, потсетуваат од Владата.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:22