Во Клубот на пратениците денеска се одржа првиот состанок на Секторскиот мониторинг комитет за конкурентност, иновации и земјоделство со кој претседаваа вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи во улога Национален ИПА координатор и шефот на одделот за соработка при Делегацијата на Европската унија, Никола Бертолини, соопшти СЕП.

Секторскиот мониторинг комитет е воспоставен како ад-хок тело за следење на напредокот во спроведување на Акциските програми за конкурентност и иновации финансирани преку ИПА 2014 и 2016 и Акцискиот документ за земјоделство и безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика финансиран преку ИПА 2015. Целта на овие состаноци е по дискусијата за напредокот на спроведување на програмите, низ дијалог на членовите да се договорат препораки за подобрување на спроведувањето на акциските програми во наредниот период.

Вицепремиерот Османи го поздрави воспоставувањето на овој Секторскиот мониторинг комитет и истакна дека првите резултати за користење на ИПА 2 ќе произлезат, токму од користењето на трите Акциски програми во овој мета сектор.

– Треба да ги искористиме сите можности кои ни стојат на располагање за да ја унапредиме апсорпцијата на средствата од ИПА, истакна Османи. Тој напомена дека засилениот мониторинг во наредниот период, до крајот на 2018 година, треба да помогне во остварувањето на повисока стапка на апсорпција на средствата алоцирани за овие под сектори.

На состанокот присуствуваа претставници од кабинетот на заменик на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања и координација со економските ресори во улога на координатор на секторот конкуретност и иновации, претставници од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници од Секретаријатот за европски прашања, Делегацијата на ЕУ и на донаторите како и претставници на четирите стопански комори во РМ.

Овој тип на состаноци се одржуваат два пати во годината.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/03/2018 16:38