„Оброк за сите“ е иновациски предизвик со кој се поттикнува создавање на иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите ранливи категории на лица и развивање на социјалното претприемништво во Македонија кое треба да придонесе кон зајакнување на солидарноста во општеството.

Фондот за иновации и технолошки развој и Министерство за труд и социјална политика, од денес 23 март до 21 мај го спроведува Јавниот повик за финансирање на проекти за социјално претприемништво „Предизвик за иновативно решение за обезбедување на #ОброкЗаСите“. Вкупниот буџет за овој повик е 2 милиони денари.

Повикот и начинот за аплицирање погледнете го на следниот ЛИНК

„Со развојот на социјалното претприемништо се обезбедува дополнителен опфат на социјалните сервиси и услуги и се отвораат нови можности за вработување, односно се креираат нови работни места. Затоа сметаме дека е исклучително важно да се обезбедат услови за одржливост на субјектите кои обезбедуваат услуги за специфични целни групи“ – изјави Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Јавниот повик #ОброкЗаСите се однесува на сите микро, мали и средни претпријатија и граѓански организации што работат во доменот на социјалното претприемништво или имаат намера својата дејност да ја прошират на ова поле.

„#ОброкЗаСите цели кон изнаоѓање на иновативно, системско и одржливо решение за обезбедување на храна за лица и семејства со реална потреба од поддршка на заедницата. Со решението ќе се овозможи вишокот храна од производителите на храна, дистрибутерите, трговците, угостителските објекти и домаќинствата што би сакале да бидат дел од оваа платформа, ефикасно да биде распределена и доставена до одредени места каде социјално загрозени граѓани имаат пристап. Решението треба да претставува модел на взаемна интеракција на сите учесници во системот.“ – вели Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

#ОброкЗаСите ги поканува сите веќе постоечки иницијативи да се пријават и вклучат во повикот за да можеме заеднички да ја зајакнеме социјалната кохезија и да генерираме општествена вредност.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/03/2018 02:47