Министерката за обарзование, Рената Дескоска денеска присуствуваше на Свечената академија по повод 11 години од постоењето на универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип.
Таа истакна дека денеска е меѓу студентите и професорите, а посебно ја радува и фактот, што штипскиот универзитет, како најмлада високо образовна институција е второ рангиран државен универзитет.
- Што покажува дека годините на постоење не се толку битни, колку што се битни залагањата на професорите, студентите и менаџерите на универзитетот. Сакам да упатам апел и понатаму да се продолжи со градењето на квалитетот во образованието, бидејќи тоа е практично вистинската инвестиција за развојот на секоја држава, рече Дескоска.
Министерката за образование смета дека новиот Закон за високо образование, кој веќе е влезен во собраниска процедура ќе биде и соодветна законска рамка, која што ќе овозможи автономија на универзитетите, слобода во академското изразување и влијанието на универзитетите во градењето на политиките.
- Новиот закон за високо образовнаие практично е еден од најдобрите примери на инклузивна политика, односно за градење на решенија заедно во дијалог со универзитетите, со оние кои што треба да го применуваат и на кои што практично се однесува овој закон, вели Дескоска.
Прашана кога ќе се гради Студентскиот дом во Штип, Дескоска со одговори дека овој проект е ставен во Програмата на Владата, но не за оваа година, бидејќи има почнато други проекти кои бараат како што рече итна буџетска интервенција. Станува збор за реконструкции на училишта, кои се во лоша состојба и студентски домови, чија реконструкција е започната.
- Но секако е ставен во Програмата неможам да ви ја кажам точната дата на отпочнување на градба. Но, свесни сме дека тоа е еден од приоритетите, кои што постојат, рече Дескоска.
Ректорот на УГД-Штип, Блажо Боев вели во изминатите 11 години макотрпно сите работеле за да се изгради една ваква установа, а смета дека како универзитет нудат и квалитетно образование на студентите. Прашан колку новиот Закон за високо образование ќе придонесе за развој на штипскиот универзитет, Боев вели дека се надева дека голем дел од проблемите со него ќе се надминат.
- Во поглед на автономијата на универзитетот, во поглед на финансирањето, кадровската автономија, во поглед на она што значи подмладок на универзитетот и зајакнување на институционалните капацитети, рече Боев.
Во изминатите денови штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ со низа на настани го одбележа својот патронен празник.