Договорени се деталите за примена на проектот „Елисиум“ со кој се предвидува трансфер на нови пракси, иновации и технологии од Англија во Македонија во пакување и дистрибуција на храна.

За деталите на проектот е разговарано на средба во Лондон на министерот за земјоделство Љупчо Николовски со претставници на англиско-македонската корпорација преку која ќе се спроведуваат активностите и која е веќе регистрирана во Македонија.

- Проектот ќе се фокусира на производство на земјоделско-прехранбени производи за да ги задоволи специфичните барања на оние земји во регионот кои се зависни од увоз на храна. Се очекува со овој проект да се воспостават методи кои ќе го зголемат квантитетот и квалитетот на земјоделското производство, а воедно ќе се намали користењето на вода, енергија, ѓубрива и пестициди, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Компанијата веќе ги разгледува можните локации кои се понудени од македонска страна и на кои би се примениле новите технологии. Проектот се очекува да придонесе за зголемување и усовршување на земјоделското производство.

При посетата на Велика Британија, Николовски и државниот министер за земјоделство, рибарство и храна на Велика Британија, Џорџ Јустис, пак, разговарале за унапредување на трговската размена со Велика Британија и инвестиции на англиски компании во македонското земјоделство. Разгледана е и можноста за користење англиски фондови за развој во областа на земјоделството и е договорено двете држави да работат на унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи, информираат од МЗШВ.

Николовски се сретнал и со египетскиот амбасадор во Лондон, Насер Кемал, кој изразил подготвеност да даде поддршка за подобрување на условите за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи во Египет. Амбасадоорт Кемал, информира МЗШВ, посочил дека се подготвени да помогнат во реализација на барањето на Македонија за намалување на царинските давачки за македонските земјоделски производи. Договорено е наскоро Македонија да ја посети и бизнис делегација од Египет со цел продлабочување на соработката и привлекување на нови инвестиции во областа на земјоделството.

Македонскиот министер ја завршил посетата на Лондон со средба со извршниот директор на компанијата „Тhanet Earth“, најголемиот производител на зеленчук во Обединетото Кралство.

- Инвестицијата вредна преку 120 милиони фунти, освен импресивниот изглед, нуди и голема ефикасност во земјоделското производство користејќи најнови производствени технологии, а кои што како модел може да се искористат и развиваат во македонското земјоделство, се вели во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/03/2018 11:36