Подобрување на правната и институционална рамка што ќе овозможи помалку фрлање храна и нејзино дистрибуирање до оние на кои им е потребна, како и меѓусебно поврзување на институциите, бизнис секторот и граѓанските организации за реализација на оваа активност, има за цел проектот „Градење на капацитетите и негување на одговорност за вистинско ублажување на сиромаштијата и гладот“ презентиран денеска во Скопје финансисран од ЕУ ИПА фондовите.
Душко Христов претставник на Храна за сите - Банка за храна Македонија, рече дека немањето функционален систем и банки за храна доведува до ситуација големи количини да завршуваат во ѓубре, и покрај тоа што според статистичките податоци околу 450 илјади граѓани живеаат под праг на сиромаштија.
- Затоа е потребно да се направи поврзување за таа храна да ја ставиме во ситем кој ќе гарантира постојаност и сигурност за таа на кои им е потребна. Бизнис секторот ќе знае како и каде да ја стави во систем храната која е вишок или има кус рок на употреба, рече Христов.
Министерот без ресор Аксел Ахмедовски истакна дека Владата ќе ја даде потребната поддршка во надминувањето на овој проблем со фрлањето на вишоците храна.
- Иницијативи што се во насока на превенција и намалување на фрлање храна и донирање на вишокот храна на сиромашни и гладни секогаш ќе биде поддржан. Истражувањата покажуваат дека се фрла храна со која може да се прехрани скоро еден град со околу 35 илјади жители, рече Ахмедовски.
Како еден од примерите што може да функционира, градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ го посочи системот на банки на храна, нешто на што веќе се работи во општината.
- Се надевам дека во најбрзо време во соработка со сите чинители - Министерството за труд и социјална политика, бизнис секторот, луѓето кои шроизведуваат и дистрибуираат храна, но и сите што сакаат да донираат, ќе може направиме еден систем во кој наместо таа да се фрла да се донесе до тие на кои најмногу им е потребна, рече Богдановиќ.
Појасни дека во општина Центар веќе е обезбеден простор во Народната кујна, од каде ќе се доставува до корисниците на социјална помош но и сите на кои им е неопходна.