Екипата на Мерцедес откри каков бил софтверскиот проблем, кој ги чинеше победа на отворањето на сезоната во Формула 1. Шампионот Луис Хамилтон беше убедлив лидер во трката за ГП на Австралија пред да запре во боксот, но потоа одеднаш се најде зад Себастијан Фетел, откако вториот го направи своето влегување за време на виртуелниот безбедносен автомобил, по што Луис загуби многу време. На крајот, се покажа дека „Сребрените стрели“ добиле лажни бројки за разликата меѓу автомобилите на патеката, што го чинеше првото место на Хамилтон, кој не успеа да го надмине Фетел. - Ние откривме дека се работи за софтверски проблем, кој ни кажуваше дека Луис има добра предност, а Себ ќе остане зад него. Грешката дојде од офлајн алатка која ги пресметува разликите помеѓу автомобилите при излегување на виртуелен безбедносен автомобил. Во него се појавил „баг“, од каде што дојде до несогласување“, рече Ендрју Шовлин, шеф во инженерскиот тим во Мерцедес. - Ние сигурно ќе сториме сѐ за да ги избегнеме таквите работи во иднина, но исто така ќе обезбедиме и посериозна разлика, за да можеме да ја покриеме секоја стратегија на Фетел, додаде тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/03/2018 17:17