СРД „Шаран“ од Македонска Каменица денеска информира за нецивилизирано уништување на рибниот фонд од страна на поединци во Македонска Каменица. Претстедателот на СРД „Шаран“ Горан Стоименовски истакна дека се врши прекумерен улов на риба од видот караш на Каменичка Река.
- Иако овој вид е премногу застапен во езерото Калиманци, согласно со Законот за рибарство и аквакултура, карашот, како вид, е заштитен и за негов улов има ограничување. И покрај нашите секојдневни укажувања и заложби, карашот да се остави да се измрести, наши сограѓани продолжуваат, јавно и без срам, да вршат незаконски улов. Во петокот при континуирано вршење на обврските, рибочуварот и еден активист на „Шаран“ биле физички нападнати, за што е составен записник од страна на МВР и против напаѓачите ќе бидат поднесени соодветни пријави, изјави Стоименовски.
Пријави, додаде, ќе бидат поднесени и против сите останати рибокрадци, кои со своето несовесно однесување му нанесуваат огромна штета на рибниот фонд во езерото Калимаци. Целта е да се делува на подигнување на јавната свест и заеднички придонес за развој на спортскиот риболов и риболовниот туризам во Македонска Каменица.
- Апелираме до сите граѓани да се воздржат од незаконски риболов, бидејќи е казнив и се предвидени многу високи казни. Исто така, ги повикуваме сите чесни граѓани, овој период да го искористат за прошетка по Каменичка Река и Калиманско Езеро и да делуваат советодавно кон рибокрадците и оваа „нецивилизирана“ појава да биде спречена, истакна Стоименовски.
Тој посочи дека СРД „Шаран“ бара поголема поддршка и од вработените во МВР за спречување на рибокрадството.