Откако СВР-Штип соопшти за доставената кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешниот градоначалник на Штип Илчо Захариев и претходниот в.д. директор на ЈП „Стипион“ за продажбата на земјиште и урување на објекти околу Градскиот базен, денеска пристигна и писмена реакција од страна на Захариев во која вели дека ова е уште едно лажно обвинение против него.

- За просторот, каде беа објектите на ЈП „Стипион“ донесен е Детален урбанистички план, усвоен од Советот на општина Штип. Продажбата на базенот и останатите парцели се со одлука на Советот. ЈП „Стипион“ со одлука на Советот доби нови простории во Новакова чешма, поранешни магацини на АРМ. Целата постапка за продажба и отстранување на објектите, кои беа руинирани е спроведена законски. Општината инкасираше околу 600.000 евра од продажбата на земјиштето за Спортско рекреативниот центар „Брегалница“, нагласува Захариев.

Тој во реакцијата забележува дека е уверен и оти и оваа лажна кривична пријава ќе биде отфрлена.

Ова е втора кривична пријава против поранешниот штипски градоначалник Захариев. Првата му беше поднесена за време на изборната кампања за Локалните избори во 2017 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/04/2018 13:49