Производители на пролетната зелка денеска незадоволни поради намалената откупна цена на зелката ги блокираа влезот и излезот на село Муртино.
Тие се нездоволни бидејќи од утрово откупната цена на пролетната зелка паднала од 30 на 25 денари.
- Без никаква најава трговците ја намалија откупната цена и тоа на многу недостоинствен начин. Имено, утринава кога отидовме да подигнеме гајби за берба на пролетната зелка никој не ни кажа дека откупната цена е 25 денари. Така не оди. За само десетина денови, од почетокот на откупот, откупната цена падна од 40 на 30, а сега на 25 денари, вели Трајко Пандев земјоделец од село Муртино.
Земјоделските производители продолжуваат да го блокираат влезот и излезот во селото Муритно и бараат интервенција на надлежните органи откупната цена барем до Велгиден да изнесува 30 денари за килограм пролетна зелка.