Можностите за соработка во делот на економијата и инфраструктурата и изучувањето на италијанскиот јазик во училиштата беа тема на разговор меѓу италијанскиот амбасадор Карло Ромео и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
Амбасадорот Ромео, кој денеска го посети Куманово, оцени дека функционирањето на италијанските компании во овој град отвара можност за соработка и со други италијански компании. Италијанската амбасада, како што истакна амбасадорот Ромео, е заинтересирана и за промовирање на италијанскиот јазик и култура во Куманово.
- По неодамнешната одлука на македонската Влада да го воведе италијанскиот јазик како втор странски јазик во образовниот систем во Македонија, како во основните, така и во средните училишта, ние како Амбасада сме заинтересирани за соработка и промовирање на италијанскиот јазик и култура во Куманово и во останатите градови во Македонија, изјави амбасадорот Ромео.
Градоначалникот Димитриевски изјави дека интенцијата е да се продлабочи соработката и нагласи дека италијанските компании се добредојдени во Куманово.
- Италија најавува и саем за градежништво, којшто ќе се одржи во Скопје. Дел од кумановските компании ќе бидат поканети да го посетат саемот и да ги споделат искуствата во сегментот на градежништвото. Повторно да потенцирам - италијанските инвестиции се добредојдени во нашата општина, рече Димитриевски.