Општина Охрид во иднина строго ќе го контролира поставувањето урбана опрема во градот и нема да толерира никакви злоупотреби и нелегално поставување маси, тезги на јавни површини. Истовремено се највени сонации за сите правни лица што имаат поставено урбана опрема без соодветно одобрение. Тоа е пораката што надлежните од Општина Охрид ја посочија на денешната средба со угостители, тезгаџии и останати корисници на урбана опрема во градот.
Градоначалникот Јован Стојаноски забележа дека Општината им дала доволно долг период на сите субјекти да го регулираат поставувањето урбана опрема. Тој потсети дека програмата за поставување урбана опрема во градот е донесена во февруари годинава и оти на барање на заинтересираните субјекти истата може да претрпи измени и корекции, но исклучиво доколку постои законска оправданост за тоа.
- Помина доволен период во којшто ние како локална самоуправа иако не мораше покажавме трпение за угостителските објекти во градов кои нелегално поставиле урбана опрема. До 10 април годинава оној кој што нема одобрение за поставување урбана опрема, а ја има поставено ќе добие прекршочни санкции. Законско право е физичките и правни лица да поднесуваат барање за поставување урбана опрема и подоцна ,меѓутоа до тој момент не смеат да ја поставуваат урбаната опрема. На пример дозволено е таа опрема да се поставува за три месеци од јуни до септември и за тој период сопствениците мора да ги подмират обврските кон општината, рече Стојаноски.
На средбата правните субјекти беа информирани дека на сила се измените од Законот за забрана за пушење, што дозволуваат пушење исклучиво надвор од деловниот објект на отворен простор, тераси или бавчи.
- Деловниот објект мора физички да биде одвоен од терасата. Казната според законот за прекршоци е варијабилна од 1.200 до 1.500 евра и зависи од остварениот вкупен приход за претходната година, појасни Цветко Ристески од УЈП.
На средбата беше разговарано и за други прашања, како и за одредени проблеми со кои се соочуваат субјектите од областа на угостителската дејност, во насока на нивно отстранување за реализирање што поуспешна туристичка сезона.