Коалицијата на младински организации СЕГА денеска официјално го промовира Индексот за младински развој во Македонија што ќе го бележи напредокот на граѓанското учество на локално ниво.
Индексот е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на младинската вклученост во локалните заедници“.
- Оваа алатка е прва од ваков тип кај нас во Македонија и ќе го бележи напредокот на граѓанското учество на локално ниво. Индексот ќе преставува ресурс со кој граѓанските организации полесно ќе ги адресираат актуелните потреби кон националните и локалните донесувачи на одлуки, рече Зоран Илиески, тим лидер на проектот од Коалиција на младински организации СЕГА.
Александар Цеков, надворешен консултант, истражувач во Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), истакна дека Индексот е алатка што е развиена со цел да прибере информации за положбата на младите во рамки на заедницата во која што живеат, како и да ги утврди предизвиците со кои што тие се соочуваат со цел да се идентификуваат прашањата од приоритетно значење за младите и врз основа на аргументирана анализа да се дадат препораки за нивно надминување преку процесот на креирање политики на локални ниво.
- Анализата на податоците добиени со оваа алатка, ќе овозможи младите поактивно да се вклучат во креирањето политики, како и во процесот на поставување на самата агенда за креирање политики од интерес на младите, рече тој.
Индексот е развиен врз основа на Глобалниот индекс за младински развој и овозможува споредливост на резултатите, што пак дава можност за примена на добри практики во решавање на младинските прашања.