Четири лица загинаа, а три други се ранети денеска при вооружен напад во Универзитетот „Османгази“ во северозападниот турски град Ескишехир.
Полицијата го уапси напаѓачот, кој бил вработен како истражувач на Универзитетот, но неговите мотиви за нападот се уште не се познати.
Како што јави Анадолија, вооружениот напаѓач влегол во обејктот на Педагошкиот факултет на Универзитетот и ги убил заменик-деканот, секретарот на факултетот и уште двајца професори.
Ректорот на Универзитетот, Хасан Ѓонен изјави дека напаѓачот упаднал во кабинетот на деканот, кој во моментот не бил тука, по што извадил пиштол и почнал да пука кон жртвите. По нападот тој го напуштил објектот, но набрзо беше уапсен.
Според Ѓонен, против напаѓачот се водела внатрешна истрага под обвинение за вербални напади врз вработени на Универзитетот.
- Претпоставувам дека тој имал психички проблеми, додаде Ѓонен.
Турските медиуми наведуваат дека постојат сомнежи оти напаѓачот е поврзан со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за воен преврат од јули 2016 година и дека формирал „паралелна држава“ во Турција.
Меѓутоа, засега нема официјална потврда на ваквите информации, а полицијата соопшти дека инцидентот не го третира како терористички напад.