Македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир е божјиот храм во Македонија каде првпат пред десет години беше донесен Благодатниот оган.
Ползувајќи се со своите лични пријателства со претставници од Грчката црква, Бигорски го носеше Светиот Оган од Солун и тој пристигнуваше приближно околу полноќ, кога всушност и треба да започне пасхалната богослужба.
- Би сакале да потсетиме дека Благодатниот оган е едно постојано Божјо чудо што секоја година се случува на Велика Сабота, во Господовиот Гроб во Ерусалим. Светиот Оган е натприродно собитие, а тоа се гледа од начинот на кој се појавува, од тоа што пламенот во почетокот не изгорува, како и од фактот што тој предизвикува душевна промена кај многумина што се удостоиле да го видат. Благодатниот оган е несомнено дело на нетвараната Божја благодат, но не и самата нетварна светлина од Тавор и од Христовото Воскресение. Како што преку таинствата на православната Црква се осветуваат водата и елејот, така, во овој случај, се осветува и природата на огнот. Затоа, кон него не треба да имаме несоодветен или магиски пристап, туку онаков на каков што нѐ учи светата Црква, велат од Бигорскот манастир.
Посочуваат дека со разгорувањето на кандилата и свеќите со Благодатниот Оган во православните храмови и со трикратно кружење околу храмот, започнува пасхалната богослужба.
- Точно десет години откако по иницијатива и заложби на Свештената Бигорска Обител, Благодатниот Ерусалимски Оган првпат на Света Пасха беше донесен во Македонија од Грција, годинава тој ќе пристигне во нашата земја преку Бугарија. Овој пат неговото пристигнување ќе биде организирано на официјално ниво меѓу двете цркви, МПЦ-ОА и БПЦ. Благодатниот Оган, на аеродромот во Софија ќе му биде предаден на Митрополитот од МПЦ-ОА г. Иларион Брегалнички, којшто ќе биде испратен со благослов од нашиот поглавар, неговото блаженство архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан. Веднаш потоа митрополитот Иларион со хеликоптер ќе замине за Скопје, од каде што Благодатниот Оган ќе биде разнесен по православните храмови ширум Македонија.
Со оглед на тоа што оваа година светиот Ерусалимски Оган порано ќе пристигне во престолнината на нашата земја, бигорското братство навремено ќе го донесе и во својата Обител, така што ќе нема никакви пречки богослужението на Света Пасха да започне во свое време, без одложувања, додаваат од Бигорскиот манастир.
-Чудото на Благодатниот Оган прв пат се појавил токму во моментот кога Господ Исус Христос, озарен од несфатлива и непристапна Светлина, се вратил од светот на мртвите, за да се прослави со Своето Воскресение. Таа иста Светлина го исполнува светиот Гроб, секоја година за време на службата на Велика Сабота
Воскресението Христово не е некоја прекрасна легенда тое е самата суштина на христијанството, тоа е победа, додаваат од Бгорскиот манастир.
Нагласуваат дека секоја година радосната вест за Воскресението на Спасителот Господ Исус Христос победоносно се пренесува меѓу верниците, побудувајќи ги да Му воздадат слава и пофалба на Бога, кој смртта со смрт ја победи, и нѐ направи заедничари на идниот вечен живот.
Подготвувајќи се за овој Празник над празниците и торжество над торжествата, братството на светиот Бигорски манастир, возглавено од нивниот игумен, високопреподобниот архимандрит Партениј, преку богослужбениот ред на православната Црква за оваа Страдална Недела, со посебно духовно чувство и велелепие си спомнува овие дена за искупителниот подвиг на Спасителот на светот, Неговите страдања на Крстот и Неговото погребение во Гробот.
За Бигорското монашко братство и многубројните духовни чеда, Воскресението Христово не е некоја прекрасна легенда, апстрактна теологија или некој празник востановен во далечното минато.
-Тоа е самата суштина на христијанството, тоа е победа, подарена од Бога. Држејќи двата снопа, разгорени со Благодатниот оган, отец Партениј околу полноќ ги повикува верниците, кои и самите имаат во своите раце восочни свеќи – ламбади, да примат светлост од „невечерната светлина“ на овој голем Ден. После трикратното кружење околу црквата со запалените свеќи, што го симболизира тридневното воскресение на Господ Исус Христос, во продолжение следува радосната велигденска богослужба, која трае до самото утро,-нагласуваат од Бгорскиот манастир.
По завршувањето на Светата Литургија, верниците со свеќи и фенерчиња го пренесуваат во своите домови и ги палат со него домашните кандила, за благослов на домот, но и за благодарно сеќавање на Христовото Воскресение.
Бигорскиот манастир веќе е подготвен за велигденските празнувања. Како и изминатите години и за овој Празник над празниците се очекува масовна посетеност, а во голем број верници тука има уште од почетокот на оваа страдна недела.
Моментно има над 200 верници, а масовно присуство се очекува во сабота, кога традиционално присуствуваат околу две илјади верници. Верници има од речиси сите краеви на земјава кои остануваат тука и по неколку денови, но има и странци.
Манастирот е основан во далечната 1020 година од монахот Јован Дебарски кој тогаш станал Охридски архиепископ.Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.Преживеал многу премрежија и голготи,како што беше и последната трагедија од 30 септември 2009 година,кога пламените јазици го пеплосаа Горни Палат.Но,секогаш се извишувал како феникс за да може да „говори“ за постоењето на православието на овие простори.
Внезгден во пазувите на Бистра, со екот на камбаните, испреплетен со жуборот на Радика, на полноќ, во сабота, ќе биде соопштена радосната вест за Христово Воскресение-Велигден,Празникот над празниците,како што тоа било со столетија.
Вера Тодоровска