Aгенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) годинава работи на проектот „Развој на алпинизмот и негово ставање во функција на туризмот”, што е дел од годишната програма на АППТ за 2018 година.
Како што Агенцијата наведува „ овој проект има за цел уредување на алпинистичките локалитети во Република Македонија и за него е изработен план за работа што предвидува активности за уредување на локалитетите Матка, Демир Капија, Остра Карпа и Лешница. Активностите за уредување на локалитетите ќе бидат со цел чистење на алпинистичките насоки, отстранување на вегетација, замена на клинци, уредување на сидришни точки, маркирање на петеки и поставување на информативни табли и патокази. Уредувањето на локациите за алпинистичко качување треба да ја зголеми безбедноста, пристапноста и атрактивноста на локациите и да привлече поголем број на туристи од еден од сегментите, кој се смета за најбрзо растечки.
Проектот за уредување на алпнистичките локалитети е во соработка со Македонската алпинистичка федерација, а главната идеа е зголемување на безбедноста, пристапноста и атрактивноста на локациите за алпинистички качувања, што е предуслов за развој на овој спорт, кој пак претставува форма на туристичка содржина како важен дел од авантуристичкиот туризам. Алпинизмот, според светската туристичка организација, спаѓа во категоријата на активности кои се високо интензивни и авантуристички и претставува селективен облик на туризам. Со оглед на фактот дека овој сегмент од авантуристичкиот туризам бележи раст во одредени региони и до 75 тсто, а воедно се предвидува растот во наредната декада да продолжи да се зголемува, Агенцијата за туризам одлучи да го лансира овој проект, земајќи ја предвид добрата основа на квалитетните карпи и долгата летна сезона во Македонија.
Агенцијата наведува дека „зголемувањето на понудата во авантуристичкиот туризам, која е многу подоходовна за лoкалната економија, е можност странските и домашните туристи на интересен начин да излезат од секојдневието. Активниот туризам бара уникатни, природни ресурси кои Македонија ги има во изобилие, но неопходно е истите како што веќе напоменавме да се стават во функција на еден безбеден и одржлив начин“.