Тероризмот претставува директна закана за безбедноста на граѓаните на земјите членки на НАТО, но и за меѓународната стабилност и просперитет. Тој е континуирана глобална закана која не знае за граници, националност или религија и е предизвик со кој меѓународната заедница треба да се справи со заеднички сили. НАТО работи во насока на сузбивање на тероризмот преку зголемување на свесноста за заканите, зголемување на капацитетите и подготвеноста да се одговори на сите земји членки, но и на останатите држави од меѓународната заедница, меѓу кои и со Македонија.
Ова беше пораката од денешната работилница за напредно истражување „Одбрана против тероризмот, подобрување на отпорноста на демократските институции и владеењето на правото“ која почна денеска во Скопје со поддршка на Програмата на НАТО „Наука за мир и безбедност“.
Работилницата ја отворија заменик-министерот за одбрана Беким Максути и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје Горазд Бартол.
На работилницата се обрати Мириам Коен од Франција, советник во Амбасада и член на Научниот комитет при Универзитетот во Фиренца која говореше на тема „Основи за отпорност на демократските држави членки на НАТО“.
Напомена дека целта на работилницата е да даде придонес за зголемување на разбирањето на терористичките закани, како да се препознаат и како да се реагира на нив.
- За да се спречат терористичките закани политичките власти треба да добиваат соодветни информации и да носат одлуки за подобра заштита на својот народ. Најпрво треба да се направи правилна проценка на ризикот, а потоа да се намали димензијата на заканата и правилно да се менаџира со неа, порача Коен.
Таа истакна дека НАТО тука во Македонија се спојува во европската крстосница на различностите, каде што има мешавина од различни етнички заедници, мешавина на муслиманството и христијанството. Додаде дека целта на работницата е да се разоружаат сите оние сили кои сакаат да ги уништат основните вредности на кои почива Алијансата.
Винченцо Макри, генерален обвинител во Анкона, говореше на тема „Криминални мрежи во војна со демократиите и фундаменталните права: Како да одговорите?“.
Тој истакна оти има големо искуство во справување во случаи со организиран криминал и тероризам -феномени за кои, како што рече, од неодамна се зборува. Пред присутните се повика на истражувањето на Европол од 2017 година спроведена во 28-те земји членки на ЕУ во кое е наведено дека ниту една земја членка на ЕУ не е исклучена од проблемите поврзани со организираниот криминал. Европол регистрирал 5.000 организации коишто се занимаваат со организиран криминал, за околу 145 се спроведуваат истраги, а околу 10 од нив дејствуваат во повеќе држави и се транснационални.
Професорот Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет во Скопје напомена оти Македонија мора да се фокусира на принципите и основните вредности што ги негуваат западноевропските општества со цел полесно да се интегрира во целиот тој систем.
- Мораме да увидиме каде сме ние и што треба да направиме за да ги стигнеме тие држави, рече Кекеновски.
На работилницата што ќе трае до 14 април учествуваат истакнати професори, академици и експерти од областа на безбедноста од земјава, но и од САД, Велика Британија, Франција, Италија, Белгија, Србија и Грција.