Околу 30-тина градоначалници од општините од пограничните региони од Македонија и Бугарија на денешната средба во Куманово се договорија да формираат Асоцијација на градови, преку која ќе аплицираат на заеднички проекти, користејќи средства од ЕУ.

На подготивителната средба беше договорено конститутивната седница на Асоцијацијата да се одржи во Ќустендил.

На денешната средба во Куманово, присуствуваше и заменик амабасадорот на Бугарија во Македонија, Даниела Бодинова која рече дека она што е договорено меѓу двете Влади треба да се применува на локално ниво меѓу општините, постетувајќи на потпишаниот договор за добрососедство и нагласи дека Бугарија со сите сили ќе и помага на Македонија, вклучително и дека бугарските општини ќе им помагаат на македонските.

Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески истакна дека двете министерства остваруваат одлична соработка. Потсети дека веќе имало заеднички проекти и дека се создадени реалции меѓу општините, администрациите и граѓанскиот сектор. Тој рече дека Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Бугарија е најуспешна со имплементација од над 95 проценти.

„Министерството за локална самоуправа ја поздравува соработката меѓу општините од двете земји согласно националните законодавства, а секако во интерес на граѓаните кои живеат во овој пограничен регион. Согласно принципите на ЕУ за добрососедство и територијална соработка, природно е соработката да се развива, се со цел општиите од прекуграничните региони да можат максимално да ги искористат средствата од предпристапните фондови на унијата и да го подобрат квалитететот на живеење на граѓаните на двете страни на границата што нема да претставува линија на раздвојување, туку ќе се претвори во точка на комуникација и соработка помеѓу граѓаните од двете соседни земји, рече заменик министерот Павлески.

И Павлески рече дека дополнително соработката ја продлабочува и договорот за добрососедство, меѓу кои и соработката за патот кон членство во евроатлантските интеграции, страните ќе одржуваат контакти, ќе споделуваат искуства и знаења меѓу државите, локалните власти и граѓаните.

На крајот на минатата година на иницијатива на дел од европратениците и градоначалникот на Ќустендил беше покрената иницијатива за формирање на ваква Асоцијација. Иницијатори на средбата се градоначалниците на Куманово и Ќустендил.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски смета дека Асоцијацијата ќе го подобри животот на граѓаните од регионите.

„Сметаме дека ние од општините од Македонија ќе го користиме искуството на колегите од Бугарија, ќе се зближиме, не само администрациите, туку и институциите кои заедно ќе аплицираат за европски пари. Следејќи го духот и взаемното разбирање на нашите влади, сметам дека повеќе од потребно да се формира ваква Асоцијација која ќе даде придонес да се подобри животот на граѓаните, рече Димитриевски.

Градоначалникот на општина Ќустендил, Петар Георги Паунов, рече дека заеднички преку Асоцијацијата ќе можат да аплицираат институции од образованието, културата, да се обратат, да ги презентираат своите идеи. Рече дека со Куманово веќе имаат подготвено проект.

На средбата беше донесен заклучок во кој е наведено дека ќе се информираат регионите од двете држави да назначат техничко лице кои ќе работат на правната регулатива, а администрациите на Куманово и Ќустендил ќе отпочнат со подготовка на конститутивното собрание на Асоцијацијата кое ќе се одржи во Ќустендил.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/04/2018 12:22