Добрите сообраќајни навики ве прават подобар и почитуван човек, а истовремено и побезбеден возач. Затоа, разбудете ги добрите сообраќајни навики во себе и бидете позитивен пример за другите учесници во сообраќајот, истакнува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) во апел до возачите.

Како што укажува, да бидеш добар возач не значи само да располагаш со добри возачки вештини и техники, туку и да бидеш безбеден возач кој ги почитува сообраќајните правила и прописи, кој ги почитува останатите учесници во сообраќајот, кој е толерантен и кој секојдневно демонстрира високо ниво на култура и етика во сообраќајот.

РСБСП ги потсетува возачите да не користат мобилен телефон додека возат, да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината, да ја намалат брзината секогаш кога се во близина на пешачки премин, на училиште, кога немаат доволна прегледност на ситуацијата или кога се приближуваат на крстосница, да користат безбедносен појас.

Советот укажува и на важноста да се држи безбедно растојание, редовно одржување и чистење на светлата на возилото, секогаш да ги проверуваат гумите, маслото и водата, да не јадат и пијат, ниту пак да пушат во возење.

Добра сообраќајна навика е и да не се вози изморен, правилно да се престројува, да се користат трите огледала за прегледност, да се паркира внимателно и културно...



Автор: Администратор
Објавено на: 13/04/2018 10:09