„Мојот град-пријател на младите“ беше насловена тркалезната маса која се одржа вчера во Крушево во организација на Младинскиот сојуз на Крушево, а проектот е поддржан од УСАИД.

Според организаторот, на тркалезната маса младите ги презентираа препораките за градење на Крушево како град пријател на младите. Препораките ги изготвија тимот на Младинскиот сојуз од Крушево и експерти кои го спроведоа процесот на мапирање и оценување на локалните младински стратегии и механизми.

Учесници на тркалезната маса беа градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, претседателот на крушевскиот совет, заедно со младите, претставниците на средношколската заедница. Стана збор за иницијативи, идни соработки и реформи со цел Крушево да добие пријателска димензија кон младите.

Грантот „Мојот град- пријател на младите“ почна во ноември 2017, а ќе трае до јуни 2018 година и се реализира во три општини. Целта на грантот е развивање вештини на претставниците на граѓанските организации и локалните младински совети од Крушево, Струмица и од општина Центар во Скопје, ефективно да ги евалуираат локалните младински политики и услугите во нивните заедници, да промовираат учество, активен ангажман и поддршка во процесот на креирање на пријателски градови за младите.

Проектот на УСАИД за граѓанско учество е петгодишна иницијатива во вредност од 9,4 милиони долари кој се стреми да го зајакне капацитетот на граѓанските организации и младинските групи за унапредување на јавните политики, подобрување на јавните услуги, промовирање на доброто владеење како и да придонесе за подобрување на животниот стандард на луѓето во Македонија. Овој проект го спроведува Ист Вест Менаџмент Институт, во партнерство со четири локални граѓански асоцијации: Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Асоцијацијата за демократски иницијативи, Фондацијата отворено општество во Македонија и Националниот младински совет на Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2018 17:03