Нашите трпези стануваат се поеднолични, чинот на хранење – се помалку свечен. Неповратно се искоренува биодиверзитетот, во опасност се илјадници сорти растенија, илјадници раси животни и две третини од нив можеби никогаш нема да запознаеме. Од кравите гледаме само црно-бели, наредени како машини во огромни простории, доматите и јаболката се геометриски се поправилни, а вкусот што го очекуваме остана само во спомените.
Ова стои во Декларацијата „Наша храна, наша иднина“ што беше усвоена на денешниот прв, Основачки конгрес на Слоу фуд Македонија со кој оваа досегашна Мрежа на локални заедници (конвивиуми) и официјално стана национална организација.
- Го заокружуваме првиот циклус што траеше 10 години и го отвораме новиот. Упорно чекоревме по патеката што ја исцрпува визијата, мисијата и филозофијата на Слоу фуд, бранејќи ги правото на добра, чиста и правична храна, здрава животна средина, благосостојба на животните и зачувување на природните ресурси. Денес, во време на поделби по секаква основа, го истакнуваме нашето суштинско и заедничко мото „Нашата храна, наша иднина“, истакна Василка Стефановска, еден од координаторите во Слоу Фуд Македонија.
Лидерот на првиот конзилиум Слободен Чокревски се осврна на почетоците. Рече дека се произлегло од еден неврзан муабет во 2005 година со тогашниот евроамбасадор Донато Кјарини.
- Додека во една прилика разговаравме со чашка вино, Кјарини забележа дека македонската храна е прекрасна и дека би чинела милиони во Италија, а тука ниту се промовира и презентира, ниту е заштитена. Така почна целата идеја, приказната што се уште трае, нагласи Чокревски.
Според него, Слоу фуд е единствената организација што ги обединува активизмот и хедонизмот, што овозможува да се направи нешто општо корисно и притоа да се ужива, да се поттикне дружењето и поврзувањето на луѓето.
Пред делегатите кои на Конгресот ги избраа работните и раководните тела, се обратија и Микеле Румиц, директор на Канцеларијата на Меѓународната Слоу фуд за Источна Европа, Азија и Пацификот, како и Десислава Димитрова, претседател на Слоу фуд Балкан.
- Мора да ги разбереме значењето на храната и нејзината комплексност и да ја подигнеме свеста на луѓето за тоа, порача Румиц.
Димитрова, пак, укажа дека мора да се заштити балканското наследство на храна. – Иако сме различни земји, кога се работи за храната границите исчезнуваат, рече Димитрова.
Слоу фуд Македонија брои 200 членови и има девет конвивиуми, а до крајот на годинава треба да формира уште осум. Изминатава една деценија мапираше 70 автентични македонски традиционални производи, од кои 36 се дел од светскиот каталог „Арка на вкусови“ кој опфаќа локални сорти, локални раси животни и производи добиени на специфичен традиционален начин. Во Слоу фуд Македонија функционираат и шест асоцијации (президиуми) на производители кои се чувари на македонските автентични производи.
Конгресот заврши со традиционална трпеза што ја подготви Филип Чаловски, одговорен за Алијансата на готвачи.