Независните советници Ристо Ѓоргиев и Томе Ќичуков од Гевгелија побараа од гевгелискиот Совет да расправа за актуелната цена за прочистување на отпадната вода, која според одлуката на Регулаторната комисија гевгеличани ја плаќаат по 12 денари за метар кубен прочистена вода,но нивното барање не беше прифатено од мнозинството.
Двајцата независни советници,според нивните лични пресметки што ги направиле врз основа на добиените параметри од јавното комунално претпријатие во Гевгелија,велат дека трошоците за работење на Пречистителната станица не ја надминуваат цената од три денари за кубик вода,која е четири пати пониска од утврдената од страна на Регулаторната комисија.
Пред да биде одбиено барањето на независните советници, градоначалникот Сашо Поцков појасни дека тарифата не зависела од волјата на градоначалникот, туку дека таа се одредувала во зависност од трошоците за работа на комуналните претпријатија кои обично се движеле од 12 до 18 денари и дека доколку не била прифатена цената од 12 денари колку што барал гевгелиски „Комуналец“, регулаторната комисија можела да ја одереди максималната цена од 18 денари за кубик прочистена вода.
Сепак, градоначалникот Поцков вети дека ќе ја искористи законската можност во рок од шест месеци следење на трошоците за прочистување на отпадната вода да побара од Регулаторната комисија корекција на цената.