Андрес Иниеста за последен пат како капитенот ја предводеше Барселона во финалето на Купот на Шпанија, кој каталонскиот клуб го освои со убедлива победа над Севиља со 5:0.

Тој во 52 минута постигна гол и во 88 минута го напушти теренот.

А навивачите на Севиља и Барселона на стадионот „Ванда Метрополитано“ во Мадрид заеднички со овации го испратија 34-годишниот фудбалер.

Иниеста не можеше да ги задржи солзите кога седна на клупата, каде соиграчите продолжија да му честитаат.

- Поради денови како овој, секогаш ќе го сакам фудбалот. Љубовта која ја добивам од навивачите ме следи во текот на целата кариера и сето тоа има посебно место во моето срце. Но одлуката која ја донесов е сосема лична. Веќе имам 34 години и еден човек на оваа возраст е доволно искусен за да донесе правилна одлука. Ми побегна некоја солза вечерва, но набргу ќе ја соопштам мојата одлука, изјави фудбалерот.

Тој според најавите ќе замине во Кина.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2018 20:10