Македонскиот и европски ракометен првак Вардар в недела ќе биде домаќин на германски Кил во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите.
„Црвено-црните“ остварија победа (29:28) на првиот меч, па интересот за реваншот е огромен, а салата одамна е распродадена.
Со цел за успешна организација РК Вардар соопшти дека ќе преземе засилени безбедносни мерки пред, за време и по натпреварот.
Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на македонскиот првак:
- Се молат сите наши навивачи кои имаат билети за натпреварот да пристигнат навреме во салата, за да ги завземат своите места. Со еден билети ќе може да влезе само ЕДНО лица. Нема да биде дозволено внесување на деца без билет. Се препорачува да не се носат деца помали од седум години на натпреварот. Пред платото на салата во СЦ „Јане Сандански" ќе биде поставен видео бим на кој сите заинтересирани ќе може да го гледаат натпреварот. Почнувајќи од 15 часот во недела фановите пред платото ќе ги забавува ди-џеј, а за сите навивачи предвидени се и разни други забавни содржини. Поради безбедносни причини паркингот на салата во СЦ „Јане Сандански" на денот на натпреварот ќе биде затворен. Публиката се замолува со себе да не носи чанти, ранци, несесери, пластични шишиња, лименки и слично. Од навивачки реквизити ќе биде дозволено внесување во салата само на клупски знамиња на Вардар и на државното знаме на Република Македонија. Вратите од салата во СЦ „Јане Сандански" ќе бидат отворени во периодот од 15,30 часот, па се до 16,45 часот, се вели во соопштението на Вардар.
Натпреварот Вардар - Кил е закажан за 17 часот в недела на 29 април.