На 29 април 2018 година во организација на Светската организација на слободни зони (WFZO) во Дубаи, ОАЕ се одржа 4 –тата по ред меѓународна конференција во која членува и Македонија преку Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ДТИРЗ).

Во рамките на конференцијата се одржа и презентација на новата Асоцијација на Европските слободни зони на која беа присутни 22 делегати од 10 европски земји на која се дискутираше за стратешките насоки во 2018 година.

На оваа средба свое излагање имаше и директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, г-дин Александар Младеновски при што ова прилика се искористи за презентација на условите за инвестирање и водење бизнис во Македонија и чекорите кои ги презема Владата на Македонија за подобрување на бизнис климата и привлекување на инвеститори во земјата.

Како гаранција за понатамошната заедничка соработка, членовите на новоформираната асоцијација потпишаа Меморандум за разбирање.

Главниот фокус на Меморандумот се однесува на лобирање на интересите на европските слободни зони и индустриски паркови, за зголемување на безбедноста и сигурноста на трговијата и глобалниот синџир на набавки, како и за одржлив развој во индустриските области.

Признавајќи ја фундаменталната улога што ја играат слободните зони и економските зони за развој и инвестиции, како и за создавање на нови работни места и просперитет на нациите, Здружението ќе ја преземе водечката улога во зајакнувањето на соработката меѓу сите засегнати страни, односно Владата и приватниот сектор.

Преку оваа соработка Македонија како земја со слободни зони ќе добие можност за проширување на мрежата на потенцијални инвеститори од целиот свет и секако продлабочување на соработката со останатите слободни зони од светот, запознавање со нивната работа, споделување на искуства и сервисирање на постоечките инвеститори во технолошко индустриско развојните зони.

Инаку Светската организација на слободни зони (WFZO) е со седиште во Дубаи, ОАЕ, а е регистрирана во Женева и во моментов има над 250 членки од околу 50 земји во светот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2018 15:02