Првиот носител, Александар Зверев ја одбрани титулата на турнирот на земја во Минхен, откако во германско финале забележа триумф со 6:3, 6:3 над трикратниот шампион Филип Колшрајбер.
Дуелот траеше само 72 минути, а Зверев немаше особени проблеми против неговиот поискусен сонародник.
Во првиот сет, третиот на светската АТП листа, Зверев направи два последователни брејка, за на крајот да го затвори со 6:3. На почетокот на вториот дел, Колшрајбер успеа да оствари брејк, кој сепак беше вратен веднаш од Зверев.
Дваесет и едно-годишниот Германец успеа да направи уште еден во осмиот гем и во деветтиот го затвори сетот а воедно и мечот.
Титулата во Минхен е прва за Зверев за 2018 година и вкупно седма во неговата кариера во сингл.
Наградниот фонд на турнирот во Минхен беше 501.345 евра, а за победата Германецот ќе освои 250 бода на АТП рангот и 89.435 евра.