Сто и четири проекти ќе бидат финансирани преку Програмата за рамномерен регионален развој во вкупна вредност од 4,5 милиони евра што е за 57 проценти повеќе од средствата што биле одвоени минатата година.

Најмногу средства или 45 милиони денари ќе добие Североисточниот регион, како најмалку развиен, а најмалку или 25 милиони денари Скопскиот регион, како најразвиен.

Во Вардарскиот регион ќе бидат финансирани проекти во вкупна вредност од 40 милиони денари, за Полошкиот регион ќе бидат одвоени 39 милиони денари, за Пелагонскиот 34 милиони денари, за Источниот 33 милиони денари и за Југоисточниот регион 32 милиони денари.

Средствата ќе бидат наменети за развој на планските региони, за развој на селата и за подрачјата со специфични развојни потреби. Годинава за финансирање на проекти преку оваа програма пристигнати се 137 апликации. Најголем дел се за инфраструктурни проекти и за подготовка на техничка документација за аплицирање на планските региони во донаторски програми или преку ИПА програмите.

Освен преку оваа Програма, за рамномерен регионален развој планирани се и 400 милиони евра од капиталните инвестиции кои треба да бидат рамномерно распределени во сите региони.

- Со сите сили преку Програмата за рамномерен регионален развој, преку Буџетот на Република Македонија и преку средствата за кои ќе аплицираме во ИПА фондовите, максимално внимание ќе биде посветено на рамномерниот регионален развој односно средствата да бидат потрошени на територија на целата држава како што треба да направи секоја одговорна влада за да може сите граѓани да имаат еднакви услови за живеење, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев по состанокот на Советот за рамномерен регионален развој.

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, кој заедно со вицепремиерот дадоа изјава по состанокот, рече дека тенденција е секоја година да се зголемуваат средствата за рамномерен регионален развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 11:37