Компаниите во Македонија сметаат дека бизнис климата е добра во споредба со земјите од Западен Балкан, но посочуваат дека даночната регулатива е комплексна, а забелешки имаат и за инспекциските служби.

Истражувањето спроведено од страна на стопанските комори кое беше презентирано денеска во Владата, покажува дека драстично е намален бројот на компании кои сметале дека бизнис климата во Македонија е полоша во однос на земјите од Западен Балкан, а зголемен е бројот на компании кои мислат дека има подобра бизнис клима. Интересно е тоа што микро компаниите се оние кои позитивно се изјасниле дека има подобра бизнис клима за разлика од големите компании.

Резултатите од истражувањето укажуваат дека се намалува казнувањето на компаниите, а наспроти тоа зголемен е бројот на опомени. Инспекторите најмногу ги посетиле компаниите од земјоделскиот сектор и од туризмот, а како забелешка за инспекциските служби, се посочува недоволното професионално однесување.

Во однос на поддршката од страна на владините мерки, 62 проценти од компаниите се изјасниле дека се недоволно поддржани, 20 проценти сметаат дека не се поддржани воопшто, а само 1,59 проценти рекле дека се одлично поддржани.

За ефектите од прогресивното одданочување, 30 проценти од компаниите сметаат дека тоа негативно ќе се одрази врз бизнисот, 28 проценти се изјасниле позитивно, а симптоматично е тоа што 29 проценти не знаат што ќе се случи со прогресивното одданочување.

Бизнис заедницата како приоритетни реформи за подобрување на деловното опкружување ги посочува намалувањето на сивата економија, независното судство и транспаретниот даночен систем.

Во насока на подобрување на деловното опкружување во државата и унапредување на соработката меѓу бизнис секторот и Владата денеска беше потпишан Меморандум за јавно-приватен дијалог меѓу Владата и четири стопански комори. Меморандумот го потпишаа премиерот Зоран Заев и претседателите на Сојузот на стопански комори, Стопанската комора на Македонија, МАСИТ и Комората на Северозападна Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2018 14:21