Во вечерашната емисија на Македонската телевизија, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во дуел со потпретседателот на СДСМ Радмила Шеќеринска во однос на прашањето за името истакна дека позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е многу пати повторена во јавноста и дека таа има континуитет од 2005 година па се до денес.

„Неможам многу да коментирам околу оваа тема, бидејќи освен единствената лидерска средба која беше оддржана во јануари месец, ние практично информациите ги добиваме од медиумите. Во однос пак на позициите за овој проблем, ВМРО-ДПМНЕ има конзистен став уште од 2005 година, тие се јасни и непроменети. Сметаме дека Македонија мора да стане член на НАТО и ЕУ и во таа насока треба да се преговара со Грција и да се изнајде решение, но тоа решение не смее да значи промена на Уставот поради промена на уставното име, не смее на ниеден начин да го загрозува македонскиот национален индентитет, јазик и култура и секое решение треба да оди на референдум“ - истакна Николоски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде и дека во однос на промена на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутно против а истото го мисли и за владеачката СДСМ, бидејќи според него, не верува дека постои сериозен политичар во Република Македонија кој што е подготвен да го отвара Уставот за да биде променето Уставното име на Република Македонија.

„Слушаме дека Грците инсистираат на промена на Уставното име, но работа на умешност е сега на нашиот Министер за надворешни работи, кој што реши сам да ја турка работата и го предводи лично он, процесот на преговарање, да се спротивстави на тоа и да не дозволи интересите на македонските граѓани да бидат во втор план“ - потенцираше Николоски

Радмила Шеќеринска пак истакна дека преговорите помеѓу Грција и Македонија не се водат под превезот на тајноста туку само се претпазливи во нивните јавни настапи за да изјавите не би им наштетиле на преговорите.

„Многу повеќе зависат работите во Македонија од тоа што ќе се случи од колку во Грција. Ние сме тие што треба да водиме сметка преку нашите изјави да не го нарушиме процесот на преговарање. Воедно, ако ја слушнете грчката опозиција и таа ја критикува власта предводена од Ципрас, дека не е доволно транспарентна во однос на прашањето за името со нашата земја“ - истакна Шекеринска.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2018 19:38