Од македонска страна се преземаат сите потребни мерки затворањето на магистралниот пат Хан и Елезит - Качаник поради свлечиште од косовска страна да не се одрази врз економијата.

Ова денеска го изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, додавајќи дека имал контиунирани разговори со неговиот косовски колега.

- Бидејќи станува збор за работа што треба да ја направи Република Косово, а тоа е правењето на алтернативниот пат преку Глобочица, ние преземаме се што може од наша страна со цел да не настанат штети врз економијата. Се разбира дека мерките ги презема комплетно Владата, бидејќи не се однесуваат само на ресорот транспорт, туку и во делот на Царинската управа и Министерството за внатрешни работи, истакна Сугарески, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Информира дека Косово планира во наредните денови да направи геолошки истражувања врз база на кои би се извршило санирање на свлечиштето и одронот.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/05/2018 09:46