Актуелниот европски првак Ѓер повторно обезбеди пласман во финалето на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите, откако го победи ЧСМ Букурешт со 26:20 .

Ѓер ја искористи предноста на домашниот терен и натпреварот го почна со агресивна игра. Унгарските ракометарки доминираа на теренот и по десет минути игра имаа водство од 4:1.

ЧСМ Букурешт по првичниот пад во играта, успеа да се консолидира особено во одбраната. Романките цело прво полувреме не успеаја да најдат решение во нападот, ако се земе предвид дека првиот гол го постигнаа во десетата минута, а Ѓер во првиот дел одржуваше постојано минимална предност и не успеа резултатски да се одвои.

Поради многуте грешки на двете страни и слабата ефективност во резализацијата кај двата тима во првото полувреме имаше малку голови и на паузата се замина со резултат од 12:10 за Ѓер.

Иако второто полувреме почна во истиот ритам, сепак романските ракометарки успеаја да ја подобрат реализацијата и во 43 минута стигнаа до израмнување. Меѓутоа тоа не беше доволно за пресврт и Ѓер ја врати предноста со серија од 4:0.

Во последните десет минути ЧСМ Букуреш беше целосно исфрлен од игра, што резултираше со повисоко водство и победа за Ѓер од 26:20.

Противник на бранителот на титулата во финалето ќе биде победникот од вториот полуфинален натпревар меѓу Вардар и Ростов Дон.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2018 01:09