Во присуство на 500 делегати Новата социјалдемократска партија денеска во Скопје го одржува Четвртиот редовен конгрес, на кој покрај претседател на партијата ќе се избираат и членови на Централниот и на Надзорниот одбор, а ќе биде усвоена и Програмска платформа за делувањето на НСДП.

Лидерот на партијата Тито Петковски во воведното обраќање рече дека е политичко самоубиство настап на избори надвор од двата најголеми политички блока, во услови кога мандатите се распределуваат според Донтовиот модел.

- Оптимизмот го гледам во евентуалните измени на изборното законодавство, кое веќе е најавено, во насока на една изборна единица, отворени листи, како и низок праг за влез во Собранието, рече Петковски кој е единствен кандидат за претседател на НСДП и се очекува да биде реизбран.

Надежта ја гледа во изборната програма на СДСМ зад која, како што рече, застанаа сите политички партии од коалицијата.

Петковски се осврна и на спорот за името велејќи дека сме блиску до решавањето на ова прашање, но и предупредувајќи дека Грците се одлични трговци и уште подобри преговарачи.

- Не верувам во овие гушкања, добри пораки и срдечни поздрави, затоа што Грците се итри. Тие се одлични трговци и уште подобри преговарачи. Јас тоа не го кажувам првпат. Грчката официјална политика, грчката држава отсекогаш, особено од осамостојувањето, не сакала да постои ниту македонски јазик, ниту македонска држава. Доколку сега има созреани кругови коишто имаат влијание во грчката политика, се однесуваат онака како што говорат, мислам дека сме блиску до решавањето на ова прашање, рече Петковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/05/2018 22:28