Информација за потребата од ревитализирање и рестартирање на музичката продукција на Македонската радиотелевизија (МРТВ) е усвоена на вчерашната седница на Владата.
- Целта е македонската музичка продукција да зајакне и да го има сјајот од минатото, а не како во изминатите 10 години преку субвенции да продуцираме неквалитет, информира денеска на прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски.
За подготовка на решението за музичката продукција на МРТ ќе биде ангажирана работна група од Кабинетот на Претседателот на Владата, министерствата за култура, за финансии, за информатичко општество и администрација, МРТ, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
- Оваа работна група е задолжена во рок од 30 дена по нејзиното формирање да подготви анализа на финансиските импликации и актите на МРТ и до Владата да достави информација за анализата со кои институциите ќе треба понатаму да постапат и практично да се спроведе процесот на ревитализација на музичката продукција на МРТ, рече Бошњаковски.