Скопје, 17 мај 2018
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата во понеделник на координација ќе го разгледа предлогот на претседателот Ѓорге Иванов, вицегувернерката г-ѓа Анита Ангеловска Бежовска да биде новиот гувернер на Народната Банка на Република Македонија.
Во изминатите неколку седмици се надевавме дека ќе се изнајде решение помеѓу претседателот Иванов кој го има правото да предлага гувернер на НБРМ и Парламентот, кој го избира гувернерот со мнозинство гласови од пратениците.
Станува збор за исклучително значајна позиција во Република Македонија, поради што личноста што ќе застане на чело на НБРМ мора да произлезе преку здрав и аргументиран дијалог помеѓу највисоките државни функционери, за да се дојде до заедничко прифатливо решение за гувернер.
На позицијата гувернер потребно е да застане човек кој ќе ја гарантира независноста на институцијата, кој ќе се грижи за развој и унапредување на банкарскиот систем и за финансиската стабилност на државата, и кој ќе работи исклучиво во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Пратеничката група на СДСМ и Коалицијата позитивно гледа на новиот предлог на претседателот Иванов. Лично сметам дека г-ѓа Ангеловска Бежовска, којашто е докажан експерт и професионалец во својата област, ја заслужува нашата поддршка.
Само да потсетам дека не така одамна, лани летото, ние како пратеничка група го искажавме нашиот афирмативен став и ја дадовме нашата поддршка за г-ѓата Анита Ангеловска Бежоска, кога го поддржавме и гласавме за нејзиниот реизбор на функцијата Вицегувернер(ка) на НБМ.
Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет - дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група.
Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата