На вечерашниот дуел на Македонската телевизија лидерите на двете најголеми македонски политички партии дебатираа и за спорот со името.

Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ останува на својот став во однос на барањето за ерга омнес и уставни промени, нагласувајќи дека не може да поддржат промена на Устав со цел промена на уставно име затоа што немаат мандат од граѓаните и го обвини премиерот дека го урнисал целокупниот преговарачки процес, водејќи го, како што рече, егзибиционистички.

- Најголем капитал за една држава е народот, вие го потценивте народот. Народот сам ќе ја изгради оваа држава како што ја изградил досега. Процесот на преговори со ЕУ и на интегрирањето во НАТО е паралелен со ова. На народот му требаат чесни политичари коишто ќе ја водат целокупната обнова на македонската држава. Вие со вашите егзибиционистички настапи само успеавте да го урнисате она што 25 години е создавано. Мислевте дека имавте решение, вие немате ништо, рече Мицкоски.

Заев, пак, му одговори дека ако навистина се декларираат за ЕУ и НАТО интеграции мора да покажат и флексибилност и решение затоа што патриотизам на гладен стомак нема, а граѓаните, посочи ќе го кажат својот глас на референдум.

- Вистински патриоти денес се тие што обезбедуваат иднина за граѓаните. Што тоа не чини во Илинденска Македонија. Што ви пречи, а не само да кажете дека ние сме против. Мора да се носат решенија. Перспективите сме должни сите ние да ги обезбедиме, власта најповеќе но и опозицијата мора да биде внимателна при ваквите прашања, рече Заев.

Тој најави дека и во Њујорк на средбата утре меѓу двајцата министри за надворешни работи ќе продолжат да се обидуваат да изнајдат достоинствено решение и да го заштитат идентитетот, а кое што ќе има шанса да помине во Грција оти, нагласи, само тогаш е можно решение.

- После 25 години немаме подобра шанса во целиот овој изминат период , ниту пак во периодот што ќе дојде. Следните 10 години ако ги изгубиме ќе биде уште потешко за преговарање и со уште помали шанси. Сега сме блиску. Повикувам на сериозност и трезвеност на политичарите во Македонија. Јас сум подготвен да ја понесам мојата одговорност за одлуките. На крајот рековме граѓаните одлучуваат на референдум. При ваквата креативност која ја испорачуваме сакаме да изнајдеме решение кое што е прифатливо за двете страни, оти Заев и Ципрас може да си подадат рака, институциите на крајот носат одлука, а кај нас и граѓаните, подвлече Заев.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2018 23:15