Премиерот Зоран Заев до вечерашниот ТВ дуел го праша Мицкоски зошто за ВМРО-ДПМНЕ не е прифатливо името Република Илинденска Македонија и додаде дека Владата ќе се обиде овој предлог да биде конечно решение, бидејќи го смета за достоинствено.
- Вистински патриоти денес се тие што обезбедуваат иднина за граѓаните. Што тоа не чини во Илинденска Македонија. Што ви пречи, а не само да кажете дека ние сме против. Мора да се носат решенија. Перспективите сме должни сите ние да ги обезбедиме, власта најповеќе но и опозицијата мора да биде внимателна при ваквите прашања, рече Заев.
Тој најави дека и во Њујорк на средбата утре меѓу двајцата министри за надворешни работи ќе продолжат да се обидуваат да изнајдат достоинствено решение и да го заштитат идентитетот, а кое што ќе има шанса да помине во Грција оти, нагласи, само тогаш е можно решение.
- После 25 години немаме подобра шанса во целиот овој изминат период , ниту пак во периодот што ќе дојде. Следните 10 години ако ги изгубиме ќе биде уште потешко за преговарање и со уште помали шанси. Сега сме блиску. Повикувам на сериозност и трезвеност на политичарите во Македонија. Јас сум подготвен да ја понесам мојата одговорност за одлуките. На крајот рековме граѓаните одлучуваат на референдум. При ваквата креативност која ја испорачуваме сакаме да изнајдеме решение кое што е прифатливо за двете страни, оти Заев и Ципрас може да си подадат рака, институциите на крајот носат одлука, а кај нас и граѓаните, подвлече Заев.
Мицкоски, пак, смета дека реалноста е поинаква и дека Грција веќе го одбила предлогот Република Илинденска Македонија, а од овој момент, вели, понатаму преговорите ќе се водат за некои други предлози од оној што го прифати нашата влада.
Запрашан кое е решението што би го предложиле ВМРО-ДПМНЕ за името и би го одблокирале патот за ЕУ и НАТО, Мицкоски рече дека не може да зборува за евентуално можно решение, бидејќи не е запознат со деталите.
- Граѓаните очекуваат решение на нивните реални проблеми, очекуваат да ги реализирате политиките и ветувањата на паралментарните избори во 2016 и на локалните во 2017 година. Тоа не се прави со капитулација, распродажба, туку со засукување ракави и работа. Ви стоиме на располагање да ви помогнеме во справување со реалните проблеми кои ги имаат граѓаните, а тие се капиталот на Македонија, рече Мицкоски.