Македонија конечно после 11 години зачмаеност е на вистинскиот пат кон стратешките определби-ЕУ и НАТО, а тоа го потврдуваат и сите извештаи за земјата истакна во своите завршни зборови премиерот Зоран Заев на вечерашниот ТВ дуел на националниот сервис со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
- Затекнавме искривоколчени проекти како за автопатот Кичево-Охрид којшто ден денеска не можеме да го решиме. Работевме цела зима на проекти. Продолжуваме чесно да работиме и резултатите ќе дојдат и од крајот на мај ќе почне засилена реализација на капиталните проекти, одговори Заев и обвини дека претходната власт само трчала по провизии и воопшто не водела сметка за проектите.
Најави дека се ревидира и проектот за изградба на автопатот кон Блаце и додаде дека до крајот на годинава ќе биде пуштен автопатот Миладиновци-Штип, а во 2021 Кичево-Охрид.
- Во Мкедонија почнаа да се градат 800 километри патишта за што алоциравме 270 милиони евра. Дополнително, првата фаза на железничката пруга кон Бугарија, која беше застаната, со вкупна вредност од 120 милиони евра не само што ја рестартиравме, туку сега почнува и втората фаза со вкупна вредност од 140 милиони евра од кои 70 милиони се грант. Третата фаза во вредност од 360 милиони евра веќе ја отвораме со грант од 60 милиони евра од ЕУ. Продолжува и гасфикацијата. Тука се најголемите капитални инвестиции на државата, рече Заев.
Посочи дека немало ни еден готов проект за училиште и градинка и додаде дека сега се изработени проекти за детски градинки во вредност од 14 милиони евра и за повеќе од 30 милиони евра за училишта и веќе почнуваа тендерските постапки. Додаде дека веќе има и готови проекти за канализација во вредност од 100 милиони евра.
- Севкупните политики на држвата се водат во вистински правец. Македонија создаде перформанси од 1 јануари 2019 година да се зголеми социјалната помош од сегашните 4.200 на 11.500 денари. Ќе има пари и за 100.000 денари за специјалистите преку чесните политики што ги води Владата и внимателните економски политики што ќе испорачаат резултати, потенцира Заев.