Првиот светски рекет и најголем фаворит за титулата на „Ролан Гарос“, Рафаел Надал, изјави дека никогаш не треба да биде отпишан Новак Ѓоковиќ, без разлика во каква форма е.

Рафа има 10 трофеи од Отвореното првенсто на франција, со што е апсолутен рекордер и судејќи по играта што ја прикажа во изминатиов период на земја, се чини нема тенисер кој би можел оваа година да го спречи во освојувањето на 11-тиот.

На „Ролан Гарос“ оваа сезона не се присутни Роџер Федерер и Енди Мареј, но тука се Стен Вавринка и Новак Ѓоковиќ, кој се враќа по долгата пауза од повреда.

Шпанецот веќе освои три титули на земја во 2018 година, знае дека е во добра форма, но исто така и дека секој ривал треба да се сфати многу сериозно.

Особено, не го отпишува поранешниот шампион Ѓоковиќ, кој во 2016 година освои само еден трофеј на „Ролан Гарос“ и ја комплетираше својата „гренд слем“ колекција.

Надал ја почуствува моќта на Ѓоковиќ на неодамнашниот „Мастерс“ во Рим, кога добро се испоти за да ја освои титулата.

- Новак е еден од најдобрите играчи во историјата на тенисот и мојот одговор е дека тој не се враќа, туку дека секогаш е тука. Понекогаш, кога ќе се вратите од повреда, тешко е да играш добро веднаш, но Новак во Рим одигра одличен турнир. Тој е, несомнено, еден од кандидатите за победа во Париз, изјави Надал пред почетокот на вториот „гренд слем“ во сезоната.

На „Ролан Гарос“ оваа сезона нема да се натпреварува Роџер Федерер, со кого Надал во минатото водеше голема битка за титулата, но и за првото место во АТП ранг-листата.

Шпанецот вели дека неговото отсуство нема да го намали значењето на титулата на „Ролан Гарос“.

- Искрено, сеедно е дали е тука или не. Ова е лоша вест за организаторите на турнирот, но не за мене, ако победам. За мене, победата секогаш е победа. Не можам да кажам дека триумфот на Федерер во 2009 година или на Ѓоковиќ во 2016 година, кога јас бев повреден, е помалку убава и важна. Тоа не би било фер од моја страна. Така е и кога јас победувам, а некои играчи се отсутни поради различни причини, додава Надал.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/05/2018 01:12